Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, годинава по 46 пат се одржува една од најстарите ликовни колонии во државата – „Куманово“ 2019. Колонијата започнува денеска, а ќе трае до 14 август, за кога е предвидено и свеченото затворање со изложба на делата.
На меѓународната ликовна колонија ќе учествуваат четиринаесет уметници од Северна Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Романија. Уметниците своите дела ќе ги изработуваат со слободна тематика во различни ликовни техники. За време на својот престој, учесниците ќе имаат можност да посетат неколку културно историски знаменитости на Куманово, мегалитската опсерваторија Кокино и црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане.
Ликовната колонија постои од 1974 година, а годинава се одбележуваат 45 години постоење. Истата е во организација на Општина Куманово и НУ Музеј Куманово, под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.