Денеска во просториите на Општина Куманово се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со превземање на активности и мерки од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус). На состанокот беа донесени следниве препораки, заклучоци и мерки:
-и предлага на Владата на Република Северна Македонија да се воведе полициски час (20.00-05.00 часот) на територија на Општина Куманово, со посебни исклучоци за лица, кои имаат потреба од делување, потврдено со соодветно овластување од надлежни органи.
-Се бара од Владата на Република Северна Македонија 100 монтажни кревети и оградни паравани за преградување на простор, кои ќе се користат за карантински сместувања по потреба.
-ЈП Водовод-Куманово да воведе дополнително обезбедување на фабриката за производство на вода- филтер станица, а СВР Куманово да обезбеди 24-часовно присуство на полициски службеник во самиот објект.
-Се препорачува Општина Куманово согласно Одлука на Советот на општината да обезбеди финансиски средства за набавка на:
- специјално возило за одржување на јавно-прометни површини и дезинфекција, во вредност од 1.200.000 денари
- 60 (шеесет) механички пумпи, во вредност од 100.000 денари
- 30 (триесет) моторни пумпи, во вредност од 300.000 денари
- 200 (двесте) литри моторно масло за двотактни мотори, во вредност од 100.000 денари
- средства за дезинфекција (хиперхлорид), во вредност од 300.000 денари
- средства за дезинфекција на раце, обувки и облека, во вредност од 200.000 денари
- заштитни маски, во вредност од 300.000 денари
- заштитни ракавици, во вредност од 300.000 денари
- опрема и потрошен материјал за дезинфекција и самоизолација и услуги (резервни средства), во вредност од 1.200.000 денари.
-Се задолжува општинската инспекција , ЈП Чистота и зеленило и Секторот за комунални работи да ги обележат сите јавни спортски и детски игралишта и да истите се затворат за употреба до следна Одлука на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување.
-Се бара од граѓаните да ги дислоцираат непрописно паркираните возила на улиците и тротоарите за да може непречено да се врши дезинфекција, во случај на настаната штета на истите, таа ќе биде на терет на сопствениците на возилата.
-Се бара од Главниот штаб на ЦУК и Владата на Република Северна Македонија да ја зголемат контролата на лицата бегалци на територијата на Општина Куманово и да се контролира бројот на бегалци, кои се наоѓаат на Табановце, да се води сметка за 72-часовен престој во кампот за бегалци во с.Табановце, за да не се загрози безбедноста на месното население.
-Се бара од СВР Куманово да постапува по одлуките на Владата на Република Северна Македонија за детектирање на сите граѓани, кои се собираат во групи на плоштади, улици, паркови, викендици и други јавни места, со цел да се намали ризикот по однос на ширење на епидемијата.
-Општината да продолжи со дистрибуција на еднократна помош во храна и средства за хигиена за загрозените семејства заедно со Црвен крст Куманово (100 пакети со Црвен крст и 100 пакети од Општина Куманово).