Програмата Општинско-корисна работа е дел од Проектот „Креирање можности за работа за сите“ и поддршка на Владата во спроведување на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2018 година.
Програмата Општинско корисна работа е финансирана од страна на АВРМ (Агенција за вработување на РМ) и UNDP. За проектот е аплицирано од страна на Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита и истиот на 01.09.2018 почна да се реализира. Ангажирани се 20 невработени лица, активни братели на работа во Центар за вработување Куманово од следниве категории: долгорочно невработени лица ( над 12 месеци во евиденција на АВРМ); млади невработени лица до 29 години, евидентирани во АВРМ; лица корисници на социјална помош или на паричен надоместок по основ на невработеност; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот. Проектот „Локална прегратка “ е составен од три проектни идеи и тоа: Првата проектна идеја се однесува на целната група – корисници на двата дневни центри за лица со интелектуална попреченост ( ДЦ „Порака Наша“ Куманово и ДЦ – МТСП-Куманово-кај Чик). Со истата преку менторска работа, односно поединечно школување, се овозможува дневните центри да станат место кадешто освен стекнување на одредени основни вештини за осамостојување ќе се даваат и услуги во вид на едукација, работно ангажирање, развивање на вештини според личните афинитети и инклузија преку спорт. За реализација на оваа проектна идеја ангажирани се 6 невработени лица. Втората проектна идеја се однесува на целната група – ученици со попреченост вклучени во редовното инклузивно образование, а со истата преку ангажирање на 10 образовни асистенти, на учениците со попреченост се пружа поддршка и воедно се овозможува вистинска инклузија во образовниот процес преку асистирана помош во текот на наставниот час. За прв пат, од оваа година е воведена Третата проектна идеја која се однесува на целната група –стари и изнемоштени лица. Истата има за цел преку развивање на формата Сервис за стари лица во домашни услови да се пружи психолошка и социјална поддршка како и помош при извршување на секојдневни обврски на старите и изнемоштени лица, организирање на поквалитетно структуирање на времето кои водат кон унапредување на квалитетот на нивниот живот и развој на чувството за припадност во заедницата, а за истата се ангажирани 4 лица. Вкупен буџет за реализација на активностите на проектот изнесува 2.710.000,00 денари. Од страна на АВРМ, обезбедени се средства за ангажирање на лицата во висина од 1.350.000,00 денари, додека придонесот на општината изнесува 1.360.000.00 денари.