Панел дискусија на тема „Европските интеграции во развојните перспективи на Република Северна Македонија со осврт на Северо- источниот плански регион“ се одржа денеска во Куманово, во организација на Европското движење ЕДМК во соработка со Општина Куманово. Настанот е дел од традиционалното одбележување на 9 мај – Денот на Европа.
Воведно излагање на настанот имаше градоначалникот Максим Димитриевски, амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија Кристијан Тимоние, а говореа и потпретседателот на ЕДМК Мухамед Халили и професорот Трпе Стојановски од УКЛО.
Дискусијата за Европските интеграции во развојните перспективи на Република Северна Македонија ги опфати европските интеграции и реформите поврзани со пристапните преговори кои во скоро време се очекува да бидат главна преокупација на локалните власти, граѓанските здруженија, претпријатијата и т.н., како и прашања поврзани со механизмите за јакнење на капацитетите на локалните чинители за поголема граѓанска партиципација и развојот на човечките ресурси за спроведување на реформите.