Претставници на Општина Куманово учествуваа на втората обука од активностите на Проектот ,,Поддршка на единиците на локалната власт на Република Северна Македонија во промоција на одржлива урбана мобилност“ , што го реализира ЗЕЛС во соработка со Германската агенција за меѓународен развој (GIZ) “.
Планот за одржлива урбана мобилност-ПОУМ, за кој Општина Куманово аплицираше на јавен повик е во втората фаза од активностите на проектот. Целта на истиот е да стави акцент на активно вклучување на граѓаните од самиот почеток на процесот на планирање на модел на оптимални трошоци и иновативност, зголемување на удобноста на живеењето на граѓаните, зголемена мобилност и достапност, подобрување на животната средина и здравјето на луѓето, донесување на одлуки поддржани од заинтересираните страни и граѓаните, пристап до нови извори на финансирање и пред сˋе, подобра слика на градот. Со ваквото планирање се нагласува потребата од поголем простор за граѓаните, зеленилото, подобрување на јавниот превоз и се дава предност на обезбедување на услови за користење на велосипеди, воспоставување на забранети зони за сообраќај, потоа користење на катни паркиралишта и друго.
Граѓаните на Општина Куманово од денеска, па се до 6 септември ќе имаат можност актвно да се вклучат во креирањето на Планот за одржлива урбана мобилност, да ги искажат своите инцијативи и мислења со учество во анкетата која е достапна на веб страната на општината, а со тоа и да придонесат да се обезбеди дефинирање на вистинските проблеми при мобилноста во Куманово, со цел изнаоѓање на квалитетни решенија за истите.
За разлика од традиционалниот пристап на планирање, кој се однесува само на возилата и сообраќајот, планирањето на мобилноста е инклузивен и партиципативен. „Sustainable urban mobility planning- SUMP“ или Одржливата урбана мобилност е воспоставена практика во Европската унија. Досега, многу европски градови имаат имплементирано вакви урбани планови и имаат преземено низа активности во оваа насока.