Фолклорна смотра на градскиот плоштад за 500 години Куманово

Вечерва на градскиот плоштад во Куманово се одржа Фолклорна смотра, во организација на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт-Куманово, како дел од годишната програма за културни манифестации.

На настанот учество зедоа сите фолклорни културно – уметнички друштва од градот, од сите етнички заедници меѓу кои КУД „Панче Пешев“, КУД „Карпош“, КУД „Бајрам Шабани“, АНРИП „Рушит Шакир“, ЦИОТ „Етно Фолк Студио“, КУД „Српски Вез“ и ДМА „Срма“ .

Манифестацијата ја отвори секретарот на Општина Куманово Десанка Стошевска, која имаше свое обраќање пред присутните, а околу 300 играорци пред присутните ги претставија своите традиционални песни, игри и ора карактеристични за нивната етнича култура. Пред почетокот на централниот настан на градскиот плоштад културно – уметничките друштва продефилираа низ градот, тргнувајќи од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

 

 

ООУ „Кочо Рацин“ го слaви патрониот празник

Основното училиште „Кочо Рацин“ денеска со манифестација и богата програма го одбележа патрониот празник.По тој повод вчера беше организирана ликовна продажна изложба, а денеска се одржа свечена седница, приредба. Пред бистата на Кочо Рацин во дворот на училиштето свежо цвеќе положи и секретарот на Општина Куманово, Десанка Стошевска и претставници на општинската администрација.

Основан Локален Економско – Социјален Совет

Денеска во Општина Куманово беше основан Локален економско-социјален совет, и беа именувани членовите.Советот се формира заради остварување на темелните вредности на Р.Северна Македонија, за воспоставување на демократски и социјален дијалог како и активно вклучување на сите социјални партнери во процесот на одлучување по најважните прашања од економско и социјално значење за развивање на локалната заедница.

На први јуни фолклорна смотра на градскиот плоштад

По повод 500 години Куманово, во сабота (01.06.2019) на градскиот плоштад со почеток во 19:00 часот за прв пат ќе се одржи фолклорна смотра, на која ќе учествуваат културно уметничките друштва од градот. Овој настан е во организација на Секторот за култура и спорт и Фондација за култура и спорт, а се реализира по програмата за Град на култура за 2019 година.

https://www.youtube.com/watch?v=8roLpRVFKs0&feature=youtu.be

 

 

 

Пуштена во употреба новата монтажна катна гаража

Денеска официјално беше пуштена во употреба новата монтажна катна гаража во центарот на градот.  На отворањето, пред присутните се обрати градоначалникот Максим Димитриевски кој истакна дека ова е само дел од мерките кои се превземаат за расчистување на сообраќајниот метеж. Во изминатиот период како мерка за зголемување на безбедноста на пешаците и велосипедистите беа поставени околу 2500 столбчиња за разделување на пешачкиот и велосипедскиот од моторниот сообраќај на булеварот „Октомвриска Револуција“, а како што напомена градоначалникот Димитриевски, истиот проект е предвидено да се реализира и на булеварот „Трета Македонска Ударна Бригада“. На настанот присуствуваа претседателот на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска, претставници од Секторот за превенција при СВР Куманово, претставници на Советот на Општина Куманово и општинската администрација, директори на јавни претпријатија и установи и граѓани.

Монтажното паркиралиште е со капацитет од 80 места за паркирање, а вкупната вредност на истата изнесува 272 189  евра или 16 685 200 денари. Во склоп на монтажното паркиралиште како донација од главниот конструктор поставен е и јавен тоалет.  Со одлука на Советот во наредниот период, паркиралиштето ќе биде предадено на стопанисување на ЈП „Куманово Паркинг“.

Одржана младинска акција за уредување на паркот до СОУ „Перо Наков“

Со поддршка на Општина Куманово и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се одржа младинска акција за уредување на паркот зад СОУ „Перо Наков“. Во акцијата учествуваа повеќе од сто ученици од средните училишта „Киро Бурназ“ и „Перо Наков“.

На настанот присуствуваше секретарот на Општина Куманово Десанка Стошевска, вршителката на должност директор на Канцеларјата на УСАИД во Република Северна Македонија Гречен Биркл, претставници на УСАИД, ЕУКОМ, МЦГО, претставници на општинаската администрација, директорите на средните училишта, директори на јавни претпријатија, наставници, родители и ученици.

Во рамките на настанот се одржа и дискусија на која се разговараше за активностите на општината за овозможување на контакт меѓу младите од различни етнички заедници, одржливоста на младинските иницијативи, за улогата на општината во вклучување на младите за адресирање на приоритетните потреби во заедницата. Со учениците се дискутираше за нивната мотивација за волонтирање во ваквите еколошки акции и придобивките кои произлегуваат од интеракцијата меѓу ученици од различни етнички заедници, како и нивното лично искуство од меѓуетничката интегррација и младинските иницијативи.

Започна реконструкцијата на регионалниот пат Куманово – село Опае

Започна реконструкцијата на регионалниот пат Куманово-село Опае во должина од шест километри и ширина 5,5 метри. Вредноста за реконструкција на овој пат, кои ги поврзува двете соседни општини Куманово и Липково изнесува 670.000 евра, средстава обезбедени преку Европската банка за обнова и развој. На започнувањето на реконструкцијата присуствуваше Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку,пратеници, градоначалниците на Куманово и Липково, Максим Димитриевски и Еркан Арифи и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Одбележан 24 мај – Ден на сесловенските просветители и прогласени учениците на генерација

Со свечен настан и богата културно – уметничка програма денеска во Занаетчискиот Дом во Куманово беше одбележан Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј – 24 мај.

На  настанот свечено им беа врачени дипломи и награди на најдобрите ученици – првенци на генерација за учебната 2018-2019 година. Дипломите ги врачи и се обрати пред присутните Секретарот на Општина Куманово Десанка Стошевска, која зборуваше за важноста на делото на просветителите и значењето на просветните работници, а на учениците им честиташе за досегашното достигнување, посакувајќи им многу успеси во иднина.

Одбележувањето на Денот на Св.Кирил и Методиј е во организација на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово и Здружението на просветни работници – Куманово.

 

 

Одбележан националниот ден на власите

По повод националниот ден на власите 23 Мај во НУ Музеј Куманово се одржа етнолошка изложба насловена како ,,Традиционална храна кај Власите”.  Настанот е во организација на Здружение на власи ,,Халча ал брова” и НУ Музеј Куманово под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово,

Градоначалникот Димитриевски на средба со Амбасадорот Герберих

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија Томас Герберих денеска е во својата прва посета на Куманово. Во рамки на посетата, амбасадорот ја посети локалната самоуправа каде што одржа работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски.

На средбата се разговараше на повеќе теми  како што се досегашната соработка и заедничките проекти, за развојот на мултиетничкото општество и функционирањето на општината како и останатите можности за соработка. Главна тема на работната средба беше економијата и потенцијалните инвестиции во индустриската зона Новини и Речица и интересот на претставниците на амбасадата за претставување на истата пред потенцијални инвеститори од Германија.

Амбасадорот Герберих го искажа своето воодушевување од мултиетничкиот соживот и култура во Куманово, потенцирајќи дека втората по големина општина во Република Северна Македонија, треба да биде пример за останатите општини. Најважната точка од разговорот за амбасадорот Герберих е напорот кој треба да се вложи во иднина, за да се спречи иселувањето на млади лица од државата, искористувајќи ги можностите што ги нуди развојот на економијата.