Ансамблот „СРМА“  на средба со градоначалникот Димитриевски

Денеска во Општина Куманово гости беа децата од Детско-младински фолклорен ансамбл „СРМА“.  Градоначалникот Максим Димитриевски ја искористи средбата за да им се заблагодари за нивната посветеност и претставувањето на нашата култура и традиција преку ората и песните во целиот свет.

Ансамблот „СРМА“ има учествувано на многу фестивали на Балканот и во Европа, а со одличен успех се вратија и од Детскиот  фестивал во Чорлу – Турција и  настапот во Шведска.

Градоначалникот Димитриевски им поска успех во понатамошното претставување на македонскиот фолклор и им порача дека Општина Куманово и понатаму ќе продолжи да ги поддржува нивните учества на меѓународните фестивали.

Ансамблот работи во склоп на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Женскиот ракометен клуб Куманово на прием кај градоначалникот

По огромниот успех кој го постигнаа годинава освојувајќи го Купот на Македонија, ракометарките на ЖРК Куманово денеска се сретнаа со градоначалникот Максим Димитриевски.

На средбата, градоначалникот Димитриевски им се заблагодари за посветеноста и за постигнатиот успех, истакнувајќи дека се чест и гордост за нашиот град и им порача дека Општина Куманово ќе продолжи да дава поддршка на спортот во Куманово. Градоначалникот се заблагодари и на тренерот и екипата која со своите амбиции придонесуваат Куманово заслужено да ја носи титулата Град на спортот за 2019 година.

ЖРК Куманово во моментов е прв на табелата и се надева на освојување на првенството.

 

Средба на Градоначалникот Димитриевски со Амбасадорот на Република Словенија

Градоначалникот Максим Димитриевски денеска оствари работна средба со Амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија Н.Е. Милан Јазбец. На средбата се разговараше за досегашната меѓуопштинска соработка на Куманово со општините од Република Словенија, за економијата и за образованието. Градоначалникот Димитриевски го претстави профилот и развојните можности на општината кои отвораат нови перспективи за идна соработка, особено на полето на инвестициите кои може да произлезат од индустриските капацитети на општина Куманово.

Амбасадорот Јазбец истакна дека постојат повеќе можности за соработка во образованието, во инфраструктурата и економијата, посочувајќи ја идеалната местоположба на Куманово и веќе воспоставената соработка со Општина Марибор, со која Општина Куманово има потпишано меморандум за соработка.

Претходно, Амбасадорот Јазбец во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“ со Патувачкиот автобус на ЕУ  ја посети Гимназијата „Гоце Делчев“ каде што присуствуваше на повеќе активности и учествуваше на дебата со учениците насловена како „Визијата на младите за Европската Унија“.

Организиран заеднички ифтар на градскиот плоштад

Во организација на Општина Куманово и Младински Исламски Форум, на градскиот плоштад во Куманово, вечерва се одржа заеднички Ифтар. На настанот присуствуваше градоначалникот Максим Димитриевски, претставници од централната и локалната власт, теолози, претставници на невладини организации и граѓани. Народниот ифтар се одржува неколку години наназад, а вклучува заедничка вечера која оваа година започна во 19 часот и 58 минути.

Градоначалникот Димитриевски на Економскиот Форум во Астана – Казахстан

Градоначалникот Максим Димитриевски годинава е учесник и панелист на дванаесеттиот Економски Форум кој се одржува во Астана – Република Казахстан. Економскиот Форум во Астана е една од највлијателните интернационални платформи за дискусија за подигнување и развој на глобалната економија и финансискиот систем. Под слоганот “Инспиративен раст: луѓе, градови и економии”, оваа година на форумот учествуваа политичари и бизнисмени од целиот свет.

Во рамки на посетата, градоначалникот Димитриевски оствари повеќе средби со претставници од бизнис заедницата, меѓу кои и со заменик претседателот на здружението на стопанските комори на градот Астана, г-дин Данијар Садиков. На средбата, заедно со в.д. амбасадорот на Република Северна Македонија во Казахтан н.е. Муарем Неџити, беше направена презентација за Општина Куманово и новата развојна индустриска зона “Новини и Речица”, која беше презентирана и понудена за инвестиции на потенцијални инвеститори од оваа држава, кои покажаа голем интерес и најавија скорешна посета на нашиот град.

Општина Куманово заедно со Владата на Република Северна Македонија следниот месец отпочнува со инвестиции во инфраструктура во новата индустриска зона “Новини и Речица” во Куманово. Индустриската зона е лоцирана на коридорот 8, автопатот е75 „Пријателство“, на 5км до границата со Србија. Оваа зона со својот капацитет од над 50 инвестиции со различна големина на парцели, урбанистички уредени за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици и сместувачки капацитети, поради својата атрактивна локација е предмет на интерес на голем број како домашни така и странски компании.

Одбележан Меѓународниот ден на музеите – 18 мај

Претседателот на Советот на Општина Куманово Атина Мургашанска, денеска свечено ја отвори манифестацијата по повод Меѓународниот ден на музеите – 18 мај. Манифестацијата е во организација на НУ Музеј Куманово кој беше домаќин на прославата и советувањето на тема „Музеите како културни средишта, иднината на традицијата“.

 

Одржани натпреварите Сообраќајна техничка култура и Детски семафор

Денеска во ООУ „Крсте Мисирков“ се одржа „Детски семафор“ – натпревар од областа на сообраќајот за учениците од основните училишта и натпреварот „Сообраќајна техничка култура на млади“ за учениците од средните училишта.

Натпреварите се во организација на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Секторот за превенција при СВР Куманово и Општина Куманово.

 

Ученици од Еразмус + во посета на Општина Куманово

Ученици и наставници од училишта од  Франција, Шпанија, Португалија, Италија и Романија, заедно со учениците и наставниците од ООУ „Кочо Рацин“, денеска ја посетија Општина Куманово и остварија средба со Градоначалникот Максим Димитриевски.

На средбата беше претставен проектот GOAL! – Учиме преку игри во рамките на програмата Еразмус +, кој се реализира од септември 2018 до август 2020 година, а чиј домаќин деновиве е кумановското основно училиште „Кочо Рацин“.

Градоначалникот Димитриевски ја поздрави иницијативата за размена на едукативни искуства, што придонесува кон подобрување на образовниот процес, ја истакна важноста од  развивање на тимската работа но, и можноста за запознавање на културите и знаменитостите на учесниците и нивните држави.

Учениците и професорите, гости од Еразмус + имаа можност да се запознаат со Куманово и неговата демогеографија и историја, а во наредните денови ќе посетат знаменитости  во градот и околината.

Заклучоци и препораки од Општински штаб за заштита и спасување

На 13.05.2019 година, во Општина Куманово беше одржан состанок на Општински штаб за заштита и спасување, а во врска со добиеното известување од РЦУК- Куманово за временската прогноза и најава за евентуално невреме и поројни дождови.
На состанокот покрај Градоначалникот Максим Димитриевски беа присутни и претставници од јавни комунални претпријатија, ТППЕ Куманово, АД Водостопанство Куманово, РЦУК Куманово, ДЗС-ПОЗС Куманово, СВР Куманово, АРМ, ЈЗУ Општа болница Куманово, ЦЈЗ Здравствен дом Куманово, ОО на Црвен Крст Куманово и надворешен соработник Борис Секирарски. На состанокот беа донесени следните заклучоци и препораки:
1. Членовите на Општинскиот штаб со претставници од други релевантни институции веднаш да излезат на терен заради увид во моменталната состојба на критички точки на реките и речните корита како и интервенција на најкритичните места со поставување на вреќи со песок во соработка со Водостопанство Куманово и екипи на ЈП ,,Чистота и зеленило,, Куманово и ЈП ,,Водовод,, Куманово;
2. Јавните претпријатија под надлежност на општината да имаат спремно екипи кои ќе бидат во приправност за делување при евентуална поплава, како и да ги стават на располагање своите материјално –технички ресурси;
3. ЈП ,,Водовод и канализација,, – Куманово и понатаму да продолжи со проверка на шахтите и одводните канали;
4. Доколку се јави потреба да се побара помош од Дирекција за заштита и спасување за вклучување на човечките и материјачно-технички ресурси;
5. Во случај на настанување на поголема непогода или поплава и доколку се врши евакуација на лицата како евакуационо место е определено да биде училишната сала на ОУ ,,11 Октомври,, Куманово;
6. Апел до граѓаните, поради појава на електични празнења да не престојуваат на отворено и под осамени дрвја како и да не ги паркираат своите возила под дрвјата особено по теченијата на реките и градските паркови;
7. Поради појава на електрични празнења можно е да дојде до прекин на електрична енергија;
8. Во случај на ризик или опасност од временските услови, граѓаните да пријават на бесплатниот телефонски број 195 во Центар за управување со кризи.