Градоначалникот Димитриевски оствари средба со постојан претставник на УНДП
Денеска Градоначалникот Максим Димитриевски оствари прва официјална средба со Нарине Сахакјан, постојан претставник на УНДП. На состанокот се разговараше за заедничките проекти, како што се веќе започнатиот проект за реконструкција и регулација на речното корито на реката Липковка и за регионална програма за локлна демократија на Западен Балкан (ReLOaD), која има за цел јакнење на партенрските односи помеѓу локалните власти и граѓанското општество. Двете страни беа согласни дека соработката продолжува со засилен интензитет, преку нови проекти корисни за граѓаните на општина Куманово.
Промовирани „Активните мерки за вработување и другите можности што им се нудат на работодавачите за 2019 година“
Општина Куманово во соработка со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, денеска организираа настан за промовирање на „Активните мерки за вработување и другите можности што им се нудат на работодавачите за 2019 година“.
На настанот воведно обраќање имаше Секретарот на Општина Куманово Десанка Стошевска која ја поздрави иницијативата за партнерската соработка меѓу Одделението за локален економски развој од Општина Куманово и Агенцијата за вработување. Таа истакна дека Одделението за локален економски развој подготвува пет годишна стратегија која ќе опфати мерки за подобрување на бизнис климата во Куманово, а се однесува на периодот 2019-2024.
Мерките за имплементација на активните мерки за вработување ги презентираше Раководителот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија – Куманово, Марија Димитриевска.
Работна посета на претставници од Јапонската Амбасада на Општина Куманово
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска оствари работна средба со Мачида Хидеаки – заменик амбасадор на Јапонија и Канако Теруи – втор секретар во амбасадата. На средбата се разговараше за заедничките активности и понатамошната соработка на општината и Амбасадата на Јапонија. Во рамките на предвидените активности е и посетата на дел од речното корито на Река Липковка кое беше реализирано со донација од Јапонската Амбасада и УНДП.
Оглас за прибирање на понуди (Екскурзија-ССОУ „Киро Бурназ“ Куманово)
Согласно Правилникот за начинот на изведување на ученички екскурзии на учениците од средните училишта, ССОУ „Киро Бурназ“ Куманово, објавува
БАРАЊЕ ЗА ПРИБИРАЊЕ ПОНУДИ
за организирање на завршна ученичка екскурзија за учебната 2018/2019 година
Организирање и реализација на завршна екскурзија со учениците од трета година во учебната 2018/2019 во траење од 4 дена во месец Април 2019, според содржините на Програмата, на релација Куманово – Букурешт – Пелеш – Бран – Брашов – Букурешт – Куманово.
Понудата треба да содржи цена на екскурзијата во која се опфатени следниве услуги: превоз со високо туристички автобус со обезбеден водич, лекар, осигурување на ученици, сместување во хотел во Букурешт на база на две ноќевања со појадок, начин на плаќање и поволности за ученици од социјално загрозени семејства.
Детален опис на услугата е даден во документацијата со инструкции за понудувачите и Програмата за завршна екскурзија која може да се подигне од архивата на училиштето секој работен ден од 08 – 14 часот.
Минимални услови кои треба да ги исполнат понудувачите се: доказ за регистрирана дејност, согласно позитивните прописи во РМ за вршење на туристичка дејност, доказ дека има успешно реализирано најмалку три ученички екскурзии во последните три години, доказ дека ги исполнува условите за превоз на групи деца, согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патишта и Правилникот за посебни технички барања на возилата со кои се превезуваат групи деца.
Понудата треба да ги содржи следниве документи: документација како доказ за исполнување на минимални услови, програма за реализација на екскурзијата, пополнет образец на понудата, изјава за сериозност на понуда.
Критериум за избор на најповолен понудувач е најниска цена.
За најповолен понудувач ќе биде избран оној понудувач кој ќе понуди најниска цена а притоа ќе ги исполни минималните критериуми за способност и ќе има прифатлива техничка и финансиска понуда.
Понудувачот кој ќе биде избран за најповолен, на денот на потпишувањето на договорот со училиштето треба да достави банкарска гаранција за квалитетно извршување на договорот во висина од 15% од вкупната проценета вредност на договорот.
Понудите да се достават во рок од 5 работни дена до ССОУ „Киро Бурназ“ Куманово со назнака за комисија за прибирање на понуди за екскурзија.
ССОУ „Киро Бурназ“ Куманово
Одржана 2-рата форумска сесија во рамки на ,,Регионалниот форум во заедницата,, во Куманово
Во организација на Центарот на североисточниот плански регион се одржа втората Форумска сесија, во рамки на програмата „Регионални форуми во заедницата“. На оваа сесија од страна на работните групи, граѓаните се запознаа поопширно со седумте предлог концепти на решенијата утврдени на првата форумска сесија. Граѓаните/форумот дискутираа и го дадоа своето мислење за секој од нив, а акцент се стави на критериумите за избор на проекти, регионалната димензија и одржливоста на предлогот. Граѓаните на форумот даваа свој предлози и мислења како да се доразвијат концептите согласно критериумите.
Од презентираните 7 предлог концепти на решенија форумот прифати/утврди шест кои според форумот ги исполнуваат условите да бидат предмет на приоретизација на третата форумска сесија согласно критериумите на грантовата шема дефинирани со проектот ,,Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој,, и тоа:
Концепт 1: Уредување на Бислимска клисура (изградба на енергетски ефиксен објект за развој на рурален туризам во Бислим);
Концепт 2: Инфраструктурно уредување на туристичка инфраструктура за одржување на регионална туристичка манифестација НЕВЕСТИНСКО ПОКЛОНЕНИЕ ;
Концепт 3: Поставување на урбана опрема на туристички локалитет Спомен костурница ;
Концепт 4: Изградба на пристапна инфраструктура -пешачки патеки и рехабилитација на постојни до природни реткости – атрактивни туристички локалитети, уредување со урбана опрема и патокази и инфо табли во СИПР (Станечки водопади, локалитет Куклица и др.);
Концепт 5: Инклузивен стадион во СИПР ( Реновирање на спортски објект за здравствено спортски активности и социјална инклузија на лица со посебни потреби во СИПР);
Концепт 6: Изградба на пристапни патеки и рампи за лица со посебни потреби до три туристички локалитети – објекти во регионот согласно стратегијата на СИПР;
Третата форумска сесија ќе се одржи на 13-ти Март 2019 година, со почеток во 12:00 часот во ресторан Грација во Куманово.
Куманово – Град на Култура за 2019 година
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска на прес конференцијата која се одржа во општината соопшти дека Куманово е Град на култура за 2019. Министерството за култура ја прифати апликацијата на Општина Куманово и донесе решение за доделување на средства во износ од три милиони денари.
Средствата ќе бидат искористени за реализација на културните манифестации предвидени во Програмата за културни манифестации на Општина Куманово за 2019, меѓу кои Фестивалот на новосоздадени шегобијни песни „Тумба Фест“, Гала оперски концерт со оркестар и солисти од НЅ МОБ, Музичко сценски перформанс за детска и младинска возраст, Театарска претстава „Ленче Кумановче“ и т.н.
Градоначалникот Димитриевски се заблагодари на Министерството за Култура и на Владата за поддршката на настаните и манифестациите во пресрет на јубилејот на општината – 500 години постоење на Куманово.
Одржана регионална работилница за консолидација на земјоделско земјиште
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска присуствуваше на Регионалната работилница за консолидација на земјоделско земјиште која се одржа во Куманово, а е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамките на проектот “Воведување на националната програма за консолидација на земјиште (MAINLEND)„ на настанот беше презентирано тековното спроведување на самиот проект и процесот за консолидација на земјоделското земјиште, а беше најавена и претстојната селекција на 12 нови потенцијални подрачја за консолидација на земјоделско земјиште во државата. Настанот го отвори Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Љупчо Николовски, кој се обрати пред присутните.
Проектот е финансиран од Европската унија преку Инструментот за предпристапна помош на ЕУ со вредност од 2,5 милиони евра и со придонес на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во износ од 61 илјади евра.
Манифестација по повод Ден на просветните работници Албанци
По повод 7 март – Ден на просветните работници Албанци, градоначалникот Максим Димитриевски присуствуваше на централната манифестација која се одржа во Дом на култура „Трајко Прокопиев“.
На настанот беа доделени признанија за Наставник на годината, Ученик на годината, како и признанија за ликовна уметност и спортски активности на учениците, а истиот е во организација на Здружение на наставници Албанци – „Наим Фрашери“.
Манифестацијата беше проследена со богата културно-уметничка програма.