Првата официјална средба на Градоначлникот Максим Димитриевски и Амбасадорот на САД Џес Бејли

Денеска во Општина Куманово се одржа првата официјална средба на Градоначлникот Максим Димитриевски и Амбасадорот на САД Џес Бејли. На средбата беше истакната важноста на американската поддршка за Куманово која главно се состои од имплементација на проекти, за идните планови за развој на инфраструктурата, како и за образованието и капиталните инвестиции. Амбасадорот Бејли, пак, го потврди своето задоволство од посетата на Куманово и од соработката која постои меѓу Куманово и Соединетите американски држави.Исто така беа остварени средби и со пратениците во Собранието, а подоцна и со претставници од невладиниот сектор.



Градоначалникот Димитриевски на средба со успешен ученик од Куманово

Градоначалникот Максим Димитриевски денеска оствари средба со Андреј Величковски кој учествуваше на Интернационалната информатичка олимпијада во Јапонија. Андреј Величковски е ученик во III-1 во СОУ Гимназија Гоце Делчев и досега има остварено одлични резултати во натпреварите од подрачјето на програмирањето. На последната Интернационална олимпијада од 01-08 септември во Цукуба, Јапонија на која учествувале над 330 ученици од 87 земји од целиот свет, Андреј Величковски се врати со бронза. Претходно на Балканската олимпијада има освоено бронза и на Македонската олимпијада – сребро.

Доделени решенија за субвенционирање за комунални услуги и вода на самохрани родители

Општина Куманово во рамките на својата Програма за развој на социјална заштита во општина Куманово за 2018-2021, го прошири опфатот на најзагрозените категории на граѓани, на кои граѓани, во иднина ќе им бидат субвенционирани трошоците за комунални услуги- вода за пиење и изнесување и депонирање на смет. Се работи за категоријата самохрани родители, на кои денеска Градоначалникот Максим Димитриевски им ги подели решенијата за субвенционирање. Оваа мерка за прв пат се применува во рамки на постапката за спроведување на мерките за субвенционирање на предметните комунални трошоци.

Поради нејасната дефиниција за „Самохран родител“, во „Програма за помош и поддршка на самохрани родители кои живеат на територија на општина Куманово за 2018“ се применува член 35-а од Законот за заштита на децата како и во согласност со финансиската состојба на Општина Куманово одлучено е да бидат опфатени две категории на самохрани родител и тоа:

– самохран родител на дете чиешто татковство не е признаено и

– самохран родител на дете со починат родител

Вкупна бројка на пријавени самохрани родители кои се пријавија на јавниот повик изнесува 126 и тоа: мажи – 18, жени -108, деца до 18 години и над 18 години (студенти) – 250. Од вкупно известени 126 лица, 78 лица остварија барање за субвенционирање(вода и смет).

Останатите користат субвенционирање по основ на СПП или ППП, некои не сакаат да бидат субвенционирани, живеат во село каде немаат сметки за вода и ѓубре или контакт телефонот што го оставиле е недостапен.  Вкупно средства кои треба да бидат издвоени за субвенционирање до крајот на годината се 374.400,00 денари. Се очекува оваа бројка да се зголемува, за пријавување на статусот самохран родител нема предвиден рок, односно пријавувањето можат да го сторат во текот на целата година, а субвенционирањето ќе се одвива етапно.

Активности на градинката „Ангел Шајче“ за првиот ден на есента

Градоначалникот Максим Димитриевски денеска присуствуваше на одбележување на првиот ден на есента – 22 септември во Пелинце. Настанот имаше за цел да им овозможи на најмалите од градинката „Ангел Шајче“ преку игра и културно – уметничка програма да го одбележат доаѓањето на есента и да го поминат денот во природа.
Настанот е во организација на Здружението на граѓани “Стартерпроект” во соработка со Општина Куманово и фондација за Култура и спорт, во престрет на 2019 година кога се одбележуваат 500 години од постоење на Куманово.

„Европска недела на мобилност“ во Куманово

Во организација на Општина Куманово и Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамки на „Европска недела на мобилност“ денеска беше одржан настанот „Ден на мобилност со запирање на моторниот сообраќај“. Настанот се состоеше од велосипедско дефиле низ улиците во центарот на градот, на кои учествуваа учениците од основните и средните училишта, а сообраќајот беше забранет за автомобили. Активностите кои се дел од европската недела на мобилност имаат за цел да ги едуцираат граѓаните за одржливиот транспортен систем и да испратат порака за користење на алтернативни видови транспорт. На настанот присуствуваше Градоначалникот Максим Димитриевски.

Градоначалникот Максим Димитриевски во посета на манастирот „Света Богородица„ во село Матејче.

По повод празникот ,,Рождество на Пресвета Богородица“ Градоначалникот Максим Димитриевски денеска го посети манастирот Света Богородица во село Матејче. Заедно со директорот на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова – Митевска, присуствуваше на богослужбата по повод празникот .Разговараа за иницијативата за прогласување на оваа црквата за културно наследство во опасност.

Министерот Тевдовски во посета на Општина Куманово

Градоначалникот Максим Димитриевски на прва официјална средба денеска во Општина Куманово го пречека Министерот за финансии Драган Тевдовски. На средбата се разговараше за повеќе отворени прашања од сверата на финансиите, можните решенија за финансиските проблеми, подобрување на економската состојба, како и плановите на Владата на РМ во делот на инвестициите во Куманово. Градоначалникот Димитриевски и Министерот Тевдовски се упатија на градскиот плоштад, каде што се сретнаа со граѓаните и имаа можност да поразговараат на повеќе теми. Во рамки на посетата беше организиран и состанок со претставници од бизнис секторот од градот.



Презентирана Програмата за Општинско корисна работа 2018 – Проект „Локална прегратка“

Програмата Општинско-корисна работа е дел од Проектот „Креирање можности за работа за сите“ и поддршка на Владата во спроведување на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2018 година.
Програмата Општинско корисна работа е финансирана од страна на АВРМ (Агенција за вработување на РМ) и UNDP. За проектот е аплицирано од страна на Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита и истиот на 01.09.2018 почна да се реализира. Ангажирани се 20 невработени лица, активни братели на работа во Центар за вработување Куманово од следниве категории: долгорочно невработени лица ( над 12 месеци во евиденција на АВРМ); млади невработени лица до 29 години, евидентирани во АВРМ; лица корисници на социјална помош или на паричен надоместок по основ на невработеност; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот. Проектот „Локална прегратка “ е составен од три проектни идеи и тоа: Првата проектна идеја се однесува на целната група – корисници на двата дневни центри за лица со интелектуална попреченост ( ДЦ „Порака Наша“ Куманово и ДЦ – МТСП-Куманово-кај Чик). Со истата преку менторска работа, односно поединечно школување, се овозможува дневните центри да станат место кадешто освен стекнување на одредени основни вештини за осамостојување ќе се даваат и услуги во вид на едукација, работно ангажирање, развивање на вештини според личните афинитети и инклузија преку спорт. За реализација на оваа проектна идеја ангажирани се 6 невработени лица. Втората проектна идеја се однесува на целната група – ученици со попреченост вклучени во редовното инклузивно образование, а со истата преку ангажирање на 10 образовни асистенти, на учениците со попреченост се пружа поддршка и воедно се овозможува вистинска инклузија во образовниот процес преку асистирана помош во текот на наставниот час. За прв пат, од оваа година е воведена Третата проектна идеја која се однесува на целната група –стари и изнемоштени лица. Истата има за цел преку развивање на формата Сервис за стари лица во домашни услови да се пружи психолошка и социјална поддршка како и помош при извршување на секојдневни обврски на старите и изнемоштени лица, организирање на поквалитетно структуирање на времето кои водат кон унапредување на квалитетот на нивниот живот и развој на чувството за припадност во заедницата, а за истата се ангажирани 4 лица. Вкупен буџет за реализација на активностите на проектот изнесува 2.710.000,00 денари. Од страна на АВРМ, обезбедени се средства за ангажирање на лицата во висина од 1.350.000,00 денари, додека придонесот на општината изнесува 1.360.000.00 денари.

Средба на Градоначалникот Максим Димитриевски со претставници од невладини организации

Денеска градоначалникот Максим Димитриевски оствари средба со претставници од невладините организации од градот. На средбата се разговараше за активностите што ги има овој сектор и реализација на истите како и за пристапување на Македонија во Европската Унија и НАТО алијансата и за престојниот референдум кој ќе се одржи на триесети септември.