Kомандантот на Националната гарда на Вермонт, аѓутант генерал Грегори Најт во посета на Општина Куманово

Градоначалникот Максим Димитриевски, председателот на Совет Атина Мургашанска и претставници на општинска администрација денеска во општината остварија средба со командантот на Националната гарда на Вермонт, аѓутант генерал Грегори Најт, кој престојува во неколкудневна посета на Република Северна Македонија, а за прв пат во општина Куманово.

На средбата се разговараше за работата на локалната самоуправа и Советот на општината. Пред присутните од страна на Градоначалникот беше презентирана работата на локален совет за превенција, како еден од најуспешните во државата и идните активности во таа област. Исто така се разговараше за активностите по повод одбележување на Јубилејот 500 години Куманово и можната меѓусебна соработка во областа на образованието и заштита на животна средина.

Одбележан Денот на АРСМ – 18 Август

Градоначалникот Максим Димитриевски  денеска​ присуствуваше ​во​ ​касарната​ „​Боро​ ​Менков“​ ​во​ ​Куманово​, каде ​со​ ​воена​ ​свеченост​ ​беше ​одбележан Денот на Армијата на Република Северна Македонија – 18ти август.

На прославата присуствуваа делегации на АРСМ, претставници на јавните установи и служби, градоначалници и преставници на единиците на локалната самоуправа и правни и физички лица со кои Армијата на Република Северна Македонија има соработка. Пред присутните се обрати генерал – мајор Павле Арсовски, командант на ЗОК и потполковник Стојанче Костов, командант на касарната „Боро Менков“.

Реакција на Градоначалникот Максим Димитриевски за потпишан меморандум помеѓу Општина Куманово и „Меѓународен сојуз„

Реакција на Градоначалникот Максим Димитриевски за потпишан меморандум помеѓу Општина Куманово и „Меѓународен сојуз„

Поради интерес на јавноста, јавно го објавуваме Меморандумот за соработка склучен помеѓу Општина Куманово и Асоцијацијата за заштита на цивилно општество и социјално загрозените категории “Меѓународен сојуз” Скопје кој е потпишан на 07.12.2017г. со важност од една година. Оваа е вообичаена процедура при средби помеѓу невладини организации и институции и овој документ – меморандум не содржи обврзувачки дејствија туку истиот е протоколарен. Од овој меморандум не се реализираше ниту една активност и истиот е вон сила. Изминативе неколку денови, во медиумите се појавија шпекулации, а прашања стигаат и на адресата на Општина Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски и неговите “релации” со Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13. Вистината што стои зад овие вести е дека, единствено е потпишан меморандум за соработка со „Меѓународен сојуз Скопје“ на 7ми декември, 2017 година со важност од една година, но ниту една активност или проект врз основа на овој договор не беа реализирани.

“Категорично ги отфрлам сите шпекулации дека јас на каков било начин поврзан со целиот настан кој ја бранува јавноста. Единствено што мене и општината не поврзува со оваа невладина организација е потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и „Меѓународен сојуз Скопје“ чиј претседател е Бојан Јовановски, но одговорно тврдам дека во времетраење од една година на договорот, ниту една активност не беше спроведена. Дополнително стојам на располагање за сите прашања што ја засегаат јавноста, поврзани со ваквите погрешни тврдења“ – изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

Градоначалникот е на страната на правдата и повеќе пати повика на интензивна истрага и експедитивна разрешница на  случајот ,,Рекет”.

 

Движењето ,,Не биди ѓубре” на средба со Градоначалникот

Денес Градоначалникот Максим Димитриевски во својот кабинет оддржа состанок со активистите на граѓанската иницијатива “Не биди ѓубре” претставници од Пакомак-друштво за управување со пакување и отпад од пакување, претставници од млекара “Бучен Козјак” и директорот на Ј.П “Чистота и зеленило”. На  состанокот се разменија идеи за тоа  како сите институици заедно да допринесат за почист град. Исти така се разговараше за идните активности на оваа граѓанска иницијатива и  во кој дел можат да се вклучат самите институции.Во иднина се планира да биде изготвен оперативен план за делување, а активистите остануваат да делуваат како граѓанска неформална група со помош на  институциите, секој со свој домен. За сите наредни активности граѓаните ќе бидат навремено известени.

Во Општина Куманово презентиран уредот за укажување на опасност од лоши временски услови

Градоначалникот Максим Димитриевски денеска во својот кабинет го прими на средба метеорологот Борис Секирарски. На средбата беше презентиран уредот за укажување на опасност од лоши временски услови – ELIF, кој во моментот е единствен во државата и во светот со регистриран патент, награден со 4 меѓународни медали како иновација.

Уредот е поставен на почетокот на улицата „Иво Лола Рибар“, од десната страна, а се состои од четирибоен семафор кој ќе работи деноноќно, а со трепкачите ќе предупредува за временската состојба која следи. Белата боја значи дека не постои никаква опасност, сината ќе значи општа поплава (потврдена од соодветните институции), жолтата дека врнежите ќе продолжат и во наредниот период од 30 минути, додека црвената боја ќе означува екстремно силни врнежи со опасност од брзо поплавување на повеќе делови од градот.

Во иднина ваквите уреди ќе бидат поставени на неколку локации во градот.

Одржана традиционалната меѓународна средба на пензионери

Здружението на пензионери „Куманово“ – Куманово,  денеска во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце организираше Еко – хепенинг кој традиционално се држува секоја година. На средбата свое обраќање имаше градоначалникот Максим Димитриевски и претседателите на ЗП „Куманово“ и на СЗПМ.

Градоначалникот Димитриевски на увид на активностите на патот Куманово – Свети Николе

Градоначалникот Максим Димитриевски заедно со Mинистерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, денеска го посети и изврши увид во работите кои се реализираат на регионалниот пат Куманово – Свети Николе.

На теренот се врши рехабилитација и асфалтирање на патниот правец во должина од 42 километри, со средства обезбедени преку Европската Банка за обнова и развој, а истата се очекува да биде завршена најдоцна до пролетта.

Затворена ликовната колонија „Куманово“ 2019

Вечерва во Пелинце беше затворена ликовната колонија „Куманово“ 2019 со изложба на делата кои уметниците од 5 држави ги сликаа во изминатите седум дена.

Градоначалникот Максим Димитриевски присуствуваше на изложбата и се обрати пред присутните. На учесниците им се заблагодари за творбите кои ќе останат дел од наслетството на колонијата која датира од 1974 година. Свое обраќање имаше и директорот на НУ Музеј Кумаммново Богдан Таневски.

Уметниците ја збогатија збирката на ликовната колонија за околу 25 дела, а за нивното учество добија благодарници.

Локален-економски социјален совет (ЛЕСС) и Хуманитарна организација Рахмети поделија свежо говедско месо на социјално загрозени семејствa

По повод празникот “Курбан Бајрам” денеска членовите на Локален-економски социјален совет (ЛЕСС), во соработка со Хуманитарна организација “Рахмети” поделија пакети со свежо говедско месо на социјално загрозени семејства од сите етнички заедници во Куманово.